Почитувани идни пчелари,

      Многу често во нашата продавница доаѓаат посетители кои се заинтересирани да започнат со пчеларство, меѓутоа не располагаат со никакви  познавање од областа на пчеларството. Доста често истите посетители и не познаваат некој искусен пчелар кој би ги насочи или запознал со оваа проблематика. Од наше сопствено искуство и од искуство на други пчелари, како и поради фактот дека секојдневно имаме контакти со многу пчелари би сакале да ги наведеме следните неколку совети за сите потенцијални пчелари:

       –  Секој иден пчелар прво да прочита барем една книга за пчеларство пред да започне со чување на пчели. Со тоа ќе се запознае со основните работи кои мора да ги знае секој почетник. Во спротивно може да направи големи грешки и да доживее разочарување.

       –  Околу бројот на пчелните семејства со кои планира да започне, нашата препорака е следна: Доколку идниот пчеларник е лоциран на растојание до 10км од местото на живеење, наша препорака е да започне со 3-5 пчелни семејства, но доколку пчеларникот е на поголемо растојание особено ако е над 20км од местото на живеење, препорачуваме бројот на пчелните семејства за почеток да биде помеѓу 5 и 10, бидејќи економските трошоци за одење до пчеларникот се исти како и времето потребно за посета, а со поголем број на пчелни друштва овие трошоци ќе се намалат по единица семејство.

       – На прашањето за тоа со кој тип на кошница да започнат ја даваме следната препорака: Кај нас зајзастапени се два типа на кошници и тоа ЛР (ланструт рутерова кошница) и ДБ (даданблатова кошница). Третиот тип на кошница која е застапена кај нас е ФАРАР која ислучиво ја препорачуваме за искусни пчелари. Во консултација со повеќе пчелари, како и од наше лично искуство сметаме дека кошницата од типот ЛР е повеќе приносна последните години, меѓутоа истата бара почеста присутност на пчеларникот. Оние идни пчелари кои планираат најмалку еднаш неделно во периодот на активна пролетна паша да одат на пчеларник можат да започнат со овој тип на кошница, со претходно запознавање за овој тип на пчеларење. За оние пчелари кои планираат да одат на пчеларник помалку од еднаш неделно, пример на 2 недели, препорачуваме тип на кошница ДБ, бидејќи кај оваа кошница плодиштето е поголемо и помала е веројатноста да дојде до роење на пчелите.

       – При набавката на пчелните друштва (нуклеусите), препорачуваме истите да бидат набавени од проверени пчелари. Пчелите треба да бидат здрави, третирани од болести, да има доволно храна (мед и полен) на рамките и матиците да бидат селектирани, нови или не постари од 1 година. Само ваквите нуклеуси во комбинација со соодветна грижа на пчеларот ќе се развојат во силни пчелни друштва кои ќе бидат спремни да ја поминат зимата.

          – Кошниците за пчели да бидат изработени исклучиво од суво дрво, премачкани со фирнајз и боја. Доколку истите се изработени од влажно дрво, истото при сушење ќе претрпи деформации и намалување на висината и обемот на кошниците, што може да резултира со угинување на пчелите во текот на зимата.

         – Првите неколку посети и отварања на пчелните друштва да бидат заедно со некој поискусен пчелар, но притоа да не очекуваат дека тој пчелар постојано ќе доаѓа да им ги отвара пчелите, туку самите да се посветат што повеќе и што побрзо на теоретска и практична едукација, бидејќи само така ќе израснат во успешни пчелари.